Трет ден Велигден

Нетпрес

07/05/2024

08:17

1.095

Големина на фонт

а а а

Според календарот на Македонската православна црква – Охрдиска архиепископија (според јулијанскиот календар) денеска се одбележува Воскресение Христово – Трет ден.

Велигден, или празникот на Христовото воскресение е дефинитивно најголемиот христијански празник. Страдалната седмица заврши со новиот ден, денот на воскресението. Ние сме свикнале да ја делиме неделата на седум дена.

Но, денеска се установува тајната на осмиот ден, т.е. идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши како што завршува секој ден на ова наше време. Христовото станување од мртвите е потврда на сите негови зборови, на сите негови ветувања.

Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно. И навистина е така, бидејќи Христос не ветуваше привремена поправка на нашите животни услови, како што ветува на пример некој политичар, економист, кој ги проучил космичките закони па вешто се раководи според нив, туку ветуваше една сосема нова реалност, како креатор кој е моќен и способен да ја создаде таа реалност, поинаку кажано, како господар над животот и смртта.

Утрото на третиот ден од Христовата смрт до неговиот гроб дојдоа прво жените мироносици и ја најдоа тргната плочата што го затвораше гробот. Внатре во гробот сретнаа еден пресветол ангел кој им ја кажа веста за Христовото воскресение. Оваа вест оттогаш секоја година ја објавува Црквата низ целиот свет, како најрадосна вест за целиот човечки род.

Народни верувања

На многу места велигденските празници траат три дена. Ова е период кога се собираат роднините од далечните краеви и ги обновуваат одамна склопените пријателства. Во некои краеви, трет ден Велигден е познат и како Свет вторник, а зад него се кријат многу обичаи и верувања.

За време на Водената седмица, односно првата недела по Велигден, се и Водениот вторник и Водената сабота. Според народните верувања, вторниците важат како баксузни денови, но не и овој. Овој вторник е најдобриот во целата календарска година.

Според приказните, ова е денот кога сите се радосни и весели. Исто така се верува дека детето кое е родено на овој ден, ќе биде среќно и долговечно.

Поради ова многу свадби се одржуваат на овој ден, бидејќи се верува дека среќата и благодатот од денот ќе се пренесат и кај младоженците и нивното ново семејство.

Според некои верувања, овој ден најдобро е да не правите ништо со машката облека, како шиење и перење, особено ако мажот е иден војник.

Старите веруваат дека денес е на овој ден да отидете на посета или на пат. Доколку планиратеда тргнете некаде, според обичајот треба да замислите и желба. Наводно желбата ќе се исполни, а за време на патувањето ќе ве следи среќа.

Поради ова, единственото нешто што треба да го направат верниците во овие три денови е да се веселат и да се радуваат, а среќата да ја поделат со саканите. Според народното верување, доколку ги игнорирате традициите денес, нема да ви оди добро во животот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг